In Medias Res

Институт за комуникациски студии

In medias res е месечен поткаст кој го објаснува апсурдното политичко и општествено секојдневие во Република Македонија. Преку анализа на настаните и одлуките кои нѐ довеле до тука, но и преку обид да се антиципираат идните настани – ин медиас рес го прави секојдневието полесно за разбирање. Ненад Марковиќ месечно води разговор со политиколози, историчари и општествени аналитирачи на теми кои сите нѐ засегаат. read less
NewsNews

Episodes

Младите можат... можеби
Apr 9 2024
Младите можат... можеби
Истражувањето за состојбата на демократијата ширум светот спроведено од ценети универзитети, истражувачки центри и меѓународни организации, открива голем број загрижувачки податоци во врска со ангажирањето на младите во политиката и нивното задоволство од демократијата. Како резултат на тоа, постои глобален пад на интересот на младите за политиката, како и нивното учество во гласачкиот процес. Причините за овој пад се зголемениот економски јаз и исклучувањето на младите од пазарот на труд. Дополнително, миленијалците (родени 1981–1996) генерација со убедливо најмалку верба во демократијата и најскептичен став, според студија на Универзитетот Кембриџ. На ова се додава и комплетното отсуство на искуство или паметење на помладите генерации на каква било форма на авторитарен режим, па оттука лесно доаѓа до глорификација на вредности, кои ниту се искусени, ниту се разбрани, а кога би биле, веројатно ставот не би бил толку лаконски. Кај нас, состојбите се по малку конфузни. Од една страна, најмладата генерација по одредени прашања има и поавторитарни ставови од средната генерација, со силно изразена тенденција кон популистички лидери и решенија. Од друга страна, најмладата генерација е најмалку мотивирана да гласа но има пооптимистични ставови во однос на доверба во институциите, НАТО и ЕУ и генерално кон политичките чинители, иако вредностите не се претерано високи. Од трета страна, пристапот кон дигитални алатки и дигитализацијата на политичкиот процес вооопшто носи сосема нови и неиспитани предизвици кај младите. За оваа и многу други теми разговараме со Данило Крстовски, претседател на Факултетското студентско собрание на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Савче Ѓошева, студентски правобранител на УКИМ.
Жени во(н) политика!
Mar 4 2024
Жени во(н) политика!
Студиите спроведени од веродостојни меѓународни организации покажуваат дека кај жените, споредено со мажите, постои три пати поголема веројатност да бидат жртви на насилство како резултат на нивното активно учество во политиката. Постојат многу различни видови насилство, вклучувајќи заплашување, говор на омраза, закани, психичко малтретирање, сексуално вознемирување и понижување. Постојат многу различни форми, но причините зад нив сè уште се мистерија за науката. Едно објаснување што може да се даде е дека насилниците се обидуваат да ги спречат жените да учествуваат колку што е можно повеќе во политиката, бидејќи не ги гледаат како рамноправни членови на општеството - постапка која треба да ги обесхрабри жените од самиот почеток да се занимаваат со политика и да ја напуштат своеволно. Ова е поврзано со обесхрабрувањето на жените воопшто да влезат во политиката и да се ангажираат во политичкиот процес. Резултатот е несомнено штетен, бидејќи политичкиот процес ја губи својата репрезентативност. Дополнително, вклученоста на жените во политиката има поволно влијание кое науката го поврзува со поголемиот степен на смиреност, зголемената емпатија и леснотијата во пронаоѓање компромиси за одредени теми. Ситуацијата кај нас е идентична - учеството на жените беше и останува неверојатно ниско, особено на извршните позиции. Што е политичко насилство врз жените, зошто сè уште се случува и како влијае на репрезентативноста и на политичкиот процес воопшто, разговараме со Бојана Јовановска од Институтот за комуникациски студии и Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики.
Јас само да прашам!
Feb 5 2024
Јас само да прашам!
Предизборните кампањи само што не почнале. А еднаш кога ќе почнат, испитувањата на јавното мислење се секојдневна тема, па зачестуваат и објавите на различните институти, агенции и центри кои испитуваат јавно мислење. Партиските реакции следат „по дифолт“. Граѓаните секогаш реагираат на анкетите, некогаш позитивно, а често и негативно, особено затоа што многумина сметаат дека анкетите се инструмент за правење притисок и насочување на јавното мислење кон одредена партија или коалиција. Неретко грешки прават и медиумите и ја комплицираат ситуацијата, бидејќи нејасно известуваат за анкетните резултати и не ги објаснуваат доволно и во детали резултатите кои ги анализираат. Дополнително, граѓаните се збунети и од анкетните центри „за една употреба“ кои објавуваат испитувања на јавното мислење со нереални и очигледно пристрасни резултати што резултира со неможност на граѓаните да разликуваат меѓу кредибилни и не кредибилни центри за испитување на јавното мислење.     За темата испитувања на јавното мислење, зборуваме со Андреја Стојковски од „Преспа Институтот“ и Никола Спасов од агенцијата „Рејтинг“.
Why so serious?
Dec 27 2023
Why so serious?
Живееме во време на политичка коректност. Потребата за внимавање при изразување на сопствените ставови со цел да не се повреди или дополнително влоши состојбата на одредени општествени групи кои притоа може да се маргинализирани е легитимна, но прашањето е - дали хуморот треба и уште повеќе, во која мерка треба да се цензурира со цел да не повредат нечии чувства. Дали намерата е битна или не? Се чини дека просторот за хумор се стеснува и од лево и од десно. Левицата е сензитивна за работи кои се поврзани со сексуалниот или родов идентитет, додека десницата е подеднакво чувствителна на теми кои го допираат националниот или религиозен идентитет. Бројот на теми кои се забранети и непожелни, а често може да предизвикаат бојкот или јавен линч, од ден на ден се зголемува. Од друга страна, се поставува прашањето - кој е општествениот авторитет кој ќе каже што, кога и колку треба да биде цензурирано, и кој на тој авторитет му го дал тоа право со оглед на тоа дека каков и да е, тој ќе има одредена идеолошка, политичка, па и секаква друга пристрасност? Како тоа, од една страна, сè повеќе поддржуваме култура на бојкот на неистомисленици дури и кога се работи за хумор како јазична алатка, а на нашите ТВ претплати се наоѓаат емисии кои се олицетворени на политички некоректен, брутален и навредлив хумор кој во таков контекст не ни пречи? За овие теми разговараме со проф. д-р Бобан Карапејовски од Филолошкиот факултет при УКИМ и проф. д-р Александар Таковски од ААБ колеџот во Приштина.
Засега без добар наслов
Dec 5 2023
Засега без добар наслов
Независноста на македонската држава беше прилика и за економско осамостојување и напредок. Сепак, првата декада по независноста со ништо не навестуваше дека ова ќе биде реалност. По, без малку, катастрофалната приватизација на општествениот капитал, следеше декада на сиромаштија и социјално раслојување која кулминираше со конфликтот во 2001 година. И додека економијата полека почна да застанува на нозе по драматичните деведесетти, се отворија нови дилеми. Една од нив секако беше дали денарот треба да има стабилен курс или е потребна мала и контролирана инфлација, збор кој постарите генерации не го паметат по добро од претходниот систем. Не помалку важна беше и фискалната дилема меѓу рамните и прогресивни даноци, а во последната декада се интензивира и дебатата за одливот на работна сила и како истиот би се надоместил.   Најновите геополитички превирања повторно го вратија прашањето на инфлацијата на маса, но сепак постои едно подолгорочно и погорливо прашање – како во овие три декади независна македонска економија капиталот успеа да најде толку малку сопственици, а успеа да продуцира толку многу транзициони губитници?   За овие теми разговараме со проф. д-р Борче Треновски од Економскиот факултет и проф. д-р Александар Стојков од Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Н(ЕУ)форија
Oct 31 2023
Н(ЕУ)форија
Напредокот на Република Северна Македонија кон ЕУ се чини условена од внатрешните прилики во самата унија. Од една страна, сè погласни се политичките групации кои велат дека ЕУ треба да се подели во повеќе групи или ентитети, кои очигледно нема да имаат исти обврски ниту права, доколку ваквата реформа се прифати. Од друга страна, во прашање се доведува и одлучувањето со консензус кое се чини често ја парализира унијата, а истовремено служи за хранење на неколкуте авторитарни режими чиј политички капитал почива на противење на ЕУ за клучни економски, а во последно време и безбедносни прашања. И среде оваа бура на потенцијални потреси, Западниот Балкан трпеливо чека да се отворат вратите за некое наредно проширување. Иако пред вратите сме скоро три декади, тие никако да се отворат дури и за целосен почеток на преговорите. За што сме, до некаде, и сами виновни... На сето ова, наредната година доаѓаат и изборите за Европскиот парламент, после што можеби ЕУ ќе добие сосема ново лице, кое не знаеме дали ќе ни се допадне. Или ние нему.
Во име на народот
Sep 29 2023
Во име на народот
Уморот од досегашните актери на политичката сцена, перманентните идентитетски расправии со соседите, слабата социоекономска форма на земјата, серијата глобални кризи, но и предолгиот европски пат кој досега го изодевме, а никако да кулминира со успех, нè доведоа до тоа, македонското општество да создаде предуслови за процут на феномен кој не е така непознат кога вакви фактори ќе ја создадат совршената бура – популизам. Како идеологија која примарно му се обраќа на „народот“, таа ветува решенија за сè, па и за невозможното, а луѓето се подготвени да поддржат популистички партии и движења, во очај и исцрпеност од опциите кои до тогаш ги имале, а се чини не направиле доволно за малиот човек. Зависно од условите, во Европа брановите на популистички партии доаѓаат и си заминуваат, а во моментов се наоѓаме пред голем пораст на јавната поддршка за популистичките партии на глобално ниво и она што се нарекува четврти бран на популизмот. И ако мислевме дека македонското општество е отпорно на вакви феномени, реалноста нè демантира. И Македонија и регионот се чини дека нема да бидат исклучок од глобалниот тренд. Покрај сите кризи кои се погонско гориво на популистичките партии, се поставува прашањето – а зошто би биле? На темата популизам говориме со Јован Близнаковски од ИСППИ и Димитар Николовски од Евротинк.
Консензусот наш насушен
Jul 14 2023
Консензусот наш насушен
Еден од најголемите проблеми на македонската демократија се чини дека е градењето консензус во важни национални прашања. Независно од големината на проблемот, домашните политички елити ниту еднаш самите не дошле до консензус за одредено прашање по пат на политички договор. Иако националните приоритети на Р.С. Македонија отсекогаш биле јасно поставени и зацртани, се чини дека нивното остварување оди многу потешко од планираното токму заради недостигот од цврст консензус како да се дојде до целта. А и оној консензус кој постоеше до сега околу надворешно-политичките прашања полека се расипува и се растура под налетот на неуспешниот процес на интеграција во Европската унија и појавувањето на алтернативни опции. Почетокот на македонската државност беше обележен со судирот меѓу двете најголеми етнички групи за потоа овој конфликт полека да се пресели на внатретнички план, како кај етничките Македонци така и кај етничките Албанци. Ова само дополнително ги компликува работите. За темата национален консензус и можноста истиот да се постигне по одредени прашања, разговараме со д-р Ѓулистана Марковска, поранешен пратеник и проф. д-р Ризван Сулејмани, поранешен министер, пратеник, универзитетски професор, обајцата искусни ветерани на македонската политичка сцена.
Нешто не се разбираме
Jun 27 2023
Нешто не се разбираме
Политичките партии водат јалов дијалог за уставните измени. Наместо да се дојде до решение, целата битка се претвори во политичко надмудрување. И оваа криза, како и многу други, почна со неможност за комуникација во Собранието, а потоа се пресели во стандардниот формат на лидерски средби. Како веќе познат феномен, разрешницата е повеќе од јасна. Доколку лидерските средби и меѓународниот притисок не го решат проблемот, тоа сигурно ќе го сторат изборите. Ова често повторувано сценарио ни се има случено при скоро секоја поголема политичка криза во државата. И додека партиите се натегаат, толку граѓаните се понегативно гледаат и на Собранието, но и сè помалку веруваат во политички флоскули од секаков тип. Агресивноста во јавната сфера се зголемува, а политичката комуникација во јавната сфера е контаминирана со емоции и афективност, решенија секако недостасуваат. За темата политички дијалог и политичка комуникација разговараме со Јордан Шишовски, универзитетски професор и Сефер Селими, политички аналитичар од тинк-тенкот Democracy Lab. За крај, заклучни согледувања ќе ни даде Никола Донев, истражувач од ИДСЦС.
Криво седи, право суди
Jun 1 2023
Криво седи, право суди
Три децении судскиот систем во Македонија бележи едно од најниските нивоа на доверба кај граѓаните. Најновите случувања во Судскиот совет само ја надополнуваат и придонесуваат кон лошата слика за она што се случува како долгорочен негативен тренд во македонското судство. Ваквата констатација создава состојба кога сите судии, и оние кои чесно и навремено си ја вршат својата работа и оние кои се дел од овие коруптивни и непотистички практики, се ставаат во ист кош без сериозна анализа на условите и предизвиците со кои судиите секојдневно се соочуваат. Тука се и далеку подлабоките проблеми во самата правна култура во државата, која се формира под влијание на фактори кои не секогаш влијаат врз нејзиното подобрување. Во такви услови, правната, а особено судска култура вешто се прилагодува на условите, не секогаш создавајќи правен систем кој е и правичен систем. За предизвиците со кои се соочуваат судиите, но и правната и судска култура кај нас зборуваме со Софија Спасова-Медарска, судијка во Основниот граѓански суд Скопје, и доц. д-р Денис Прешова, професор по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Пропорционално мнозинство
Apr 20 2023
Пропорционално мнозинство
Потрагата по вистинскиот изборен модел кај нас трае подолго од три децении. По прогласувањето на независноста, државата го воведе мнозинскиот изборен модел за парламентарните избори, за веќе во 1998 година да стане јасно дека тој е несоодветен од многу причини. Во 1998 година се обидовме со комбиниран модел, за веќе во 2002 година да го воведеме оној кој и денес го имаме – пропорционалниот изборен модел со шест изборни единици и Д’онтовата формула. Иако се чинеше дека прашањето ќе заврши тука, сè погласни се намерите на одреден број политички партии и овој модел да се менува, поради тоа што не им дава премногу шанси на малите политички партии. Сепак, останува отворено прашањето дали магијата во изнаоѓањето на вистинскиот изборен модел кој ќе ги претстави верно гласовите и интересите кои постојат во општеството, а притоа нема да ја загрози стабилноста, треба да се бара во бројот на изборни единици, изборниот праг или формулата по која се пресметуваат мандатите. Од сѐ по нешто, изгледа... Сепак, тука не е крајот. Прашањата за изборниот модел на локалните избори, прагот за претседателските избори, но и родовата застапеност на изборните листи и олеснувањето на изборниот процес на лицата со попреченост претставуваат горливи прашања за кои мора да се поведе отворена општествена дебата. И тоа веднаш.
Чао, ЕВН!
Mar 23 2023
Чао, ЕВН!
Судирот во Украина изроди апокалиптични сценарија во кои европските држави требаше да се смрзнат измината зима, да доживеат енергетски колапс или во најмала рака да се соочат со енергетски дефицит кој би ги дестабилизирал политички и економски. Иако ништо од тоа не се случи, останува сепак впечатокот дека сега повеќе од кога било мора да се отворат темите на енергетска независност на државите, вклучително и Македонија, како и темите за енергетска транзиција, декарбонизација и секако инвестирањето во обновливите извори на енергија. Од една страна, постои потреба да се објасни која е иднината на енергетскиот сектор во Европа и кај нас, со цел да се постигне и поголема енергетска независност на домашен план, но и да се разбијат митовите за климатските промени и невистините поврзани со користењето на гасот и нуклеарната енергија како алтернативи. Истовремено, потребно е да се знае методологијата по која Регулаторната комисија за енергетика ја формира цената на електричната енергија, посебно во услови на комплетно пореметен енергетски пазар. Конечно, треба да се разјасни и проблематиката на блок-тарифите, заштедата на електричната енергија но и контроверзните теми како изградбата на малите хидроцентрали и секако перспективите за енергетска независност на семејствата преку сопствено производство на електрична енергија. За сето ова разговараме со Д-р Наташа Марковска, професорка при Истражувачкиот центар  за енергетика и одржлив развој при МАНУ и м-р Марко Бислимовски, директор на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси на РСМ.
Темнината е зад нас, светлината е пред нас
Feb 24 2023
Темнината е зад нас, светлината е пред нас
Признавањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија од страна на Српската православна црква во мај 2022 година донесе комплетно нов, позитивен но и донекаде неочекуван пресврт во односите на МПЦ-ОА со другите православни цркви. По неколкудецениска борба за автокефалност, МПЦ-ОА го оствари вековниот сон на многу генерации Македонци кои сонуваа за самостојна црква која ќе биде прифатена од цела православна екумена. Сепак, признавањето и, уште поважно, прифаќањето на МПЦ-ОА од другите православни цркви отвори нови дилеми и недоразбирања во јавноста. Што точно значи признавање на една помесна православна црква, каква е улогата на веќе митскиот томос во целиот процес но и како другите цркви ќе ја именуваат нашата црква, со оглед на одредени резерви кои некои од нив ги имаат? За овие, но и за други дополнителни дилеми разговараме со проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ од Православниот богословски факултет и проф. д-р Александар Спасеновски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Toxic clubbing
Jan 12 2023
Toxic clubbing
Отворањето на двата културни клуба за афирмација на бугарските културни вредности во Р С Македонија, наречени по двете контроверзни историски личности, Иван Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети, отвори сериозни политички, историски но и безбедносни дилеми во нашето општество. Во атмосфера на недоверба и поларизација помеѓу двата народа по бугарското вето, а во светло на работата на Мешовитата историска комисија,  се чини дека отворањето на двата клуба само дополнително ја искомпликува ионака компликуваната атмосфера помеѓу двете држави, не оставајќи премногу простор за компромис и добра волја од македонска страна. За историските и политичките околноати на отворањето на бугарските клубови во државава, но и за тоа зошто одбраните имиња предизвикуваат толкава контроверзна енергија кај нас, зборуваме со политичкиот аналитичар, политолог и поранешен дипломат Ивица Боцевски од ЦИКП и со проф. д-р Петар Тодоров од Институтот за национална историја при УКИМ.
Незавршени поглавја - јавна администрација и антикорупција
Dec 9 2022
Незавршени поглавја - јавна администрација и антикорупција
Јавната администрација и борбата против корупцијата се теми кои се од клучна важност за приближување на Република Северна Македонија кон Европската унија. Сместени во делот на извештаите за напредокот на државата кон ЕУ наречен „фундаменти“, подобрувањата и евентуалните влошувања во овие две подрачја будно се следени од Европската комисија години наназад. Иако се чини дека се вложени огромни средства и политичка енергија на домашните но и странски фактори во последните две декади, резултатите како да изостануваат. Индексите кои ја мерат корупцијата во државата укажуваат на релативно ограничен напредок во борбата против корупцијата, а јавните перцепции кон јавната администрација не влеваат доверба дека нејзината ефикасност и ефективност видливо се подобрила. За системските проблеми во борбата против корупцијата и во јавната администрација, и за можните решенија во овие две сфери, разговараме со Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје и проф. д-р Драган Гоцевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“.